Стрип центарот на Македонија – Велес ја најавува 8. Меѓународна стрип-колонија „Велес 2026“, што ќе се одржи од 20 до 23 август.
Годинава колонијата носи уникатен концепт – учесници ќе бидат исклучиво авторки од Македонија, Србија, Хрватска, Бугарија и од Романија, со што се создава силна балканска женска уметничка соработка.
На колонијата ќе учествуваат 14 авторки, кои ќе творат под менторство на проф. Владимир Весовиќ од Белград. Настанот има цел да поттикне меѓународна размена на искуства и да ја поврзе македонската стрип-сцена со регионот и со светот.
Колонијата, поддржана од Министерството за култура и туризам и Општина Велес, ќе се одржи во Спомен-куќата на Касапови. Организаторите истакнуваат дека настанот придонесува и за развојот на културниот туризам, преку велешките стрип-мурали и богата стрип-библиотека со околу 10 000 наслови.