Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Совет на Европа

Совет на Европа

Советот на Европа е најстарата европска организација која обединува 46  земји членки. Целта на Советот на Европа е создавање на единствена Европа во чии основи лежат принципите на слободна демократија, заштитата на човековите права и владеењето на правото. Седиштето на организацијата е во Стразбур, Франција.

На 9.11.1995 година тогашна Република Македонија стана 38-та полноправна членка на Советот на Европа.

Повеќе за Советот на Европа: https://www.coe.int/en/web/about-us/who-we-are

Европска стратегија за културното наследство за 21 век

Европската стратегија за културното наследство за 21 век промовира добро владеење засновано врз интердисциплинарно и партиципативно управување што ги вклучува сите засегнати страни поврзани со наследството (креатори на политики, професионалци, (меѓународни) невладини организации, граѓани), и им нуди стратегија заснована на три компоненти: социјална компонента, територијален и економски развој и знаење и образование.

Стратегијата се темели врз основните вредности на Советот на Европа: демократија, почитување на човековите права и слободи, дијалог и меѓусебно почитување.

Европската стратегија за културното наследство за 21 век е изготвена врз основа на заклучоците на европските министри одговорни за културното наследство од страна на Управниот комитет за култура, наследство и пејзаж (CDCPP), а една од нејзините главни карактеристики е споделување практики и конкретно искуство меѓу земјите членки, овозможувајќи им да црпат инспирација едни од други, со цел да се олесни спроведувањето на Стратегијата.

Стратегијата силно ги охрабрува земјите членки на Советот на Европа и другите земји членки на Европската културна конвенција да ги преземат потребните чекори за да ги спроведат препораките содржани во неа и меѓусебно да си помогнат преку размена на искуство, знаење, истражување и добри практики.

Повеќе информации за стратегијата:https://www.coe.int/en/web/culture-and-heritage/strategy-21

На линкот подолу може да се преземе Европската стратегија за културно наследство за 21 век (македонска и англиска верзија).

Линк: Европска стратегија за културно наследство за 21 век_MK/EN

Културни патеки

Иницијативата „Културни патеки“ на Советот на Европа е започната од 1987 година. Културните патеки се моќен инструмент за промовирање и зачувување на европските  заеднички  и различни културни индентитети. Тие  се добра можност за развивање на  меѓукултурен дијалог и разбирање на историјата на Европа преку размена на луѓе, идеи и култура.

Европскиот институт за културни патеки, кој се наоѓа во Луксебмург, е одговорен за имплемантацијата на оваа Иницијатива.

Од 2022 година има 48 сертифицирани културни патеки на Советот на Европа, кои обезбедуваат богатство на слободни и едукативни активности за сите граѓани низ Европа и пошироко и се клучни ресурси за одржлив развој на културниот туризам. Тие опфаќаат низа различни теми, од архитектура и пејзаж до религиозни влијанија, од гастрономија и нематеријално наследство до главните фигури на европската уметност, музика и литература. Повеќе информации за Културните патеки на Советот на Европа на следниов линк:  https://www.coe.int/en/web/cultural-routes  

Во смисла на продлабочување на соработката во рамките на Програмата за културните рути на Совет на Европа, нашата држава од 16.9.2022 година официјално пристапи кон Проширениот парцијален договор за културните патеки на Советот на Европа (EPA).

Повеќе информации на линкот подолу: https://www.coe.int/en/web/cultural-routes/enlarged-partial-agreement

Повик за споделување приказни на Европските денови на културното наследство 2023

Европска стратегија за Културното наследство за 21 век

Генералното Собрание на Културната рута на Светите Кирил и Методиј при Советот на Европа, за прв пат се одржа во Скопје на 21 мај 2025 година.

Во рамките на овој значаен настан беше промовирано ново списание посветено на рутата, а исто така беа примени и нови членки. Овие активности претставуваат важен чекор во унапредувањето на мисијата и ширењето на делото и духовното наследство на Светите Кирил и Методиј

Во пресрет на прославата на 24 мај – Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј, Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на 20 мај во Јуроп хаус – Скопје, организираше промоција на две публикации. Станува збор за списанието „Европа: по рутата на Кирил и Методиј“ – туристичка публикација во издание на Look at it.cz од Чешка и на преводот на македонски јазик – романот „На убавата сина Джевнице“ од чешкиот писател Антонин Бајаја во издание на „Перун Артис“ од Битола. Книгата ја преведе г-ѓа Соња Стојменска-Елзесер. На настанот  присуствуваа, претставници на асоцијацијата Европската културна рута на Св. Кирил и Методиј  при Советот на Европа, од Чешка и Словачка,  г-ѓа Зузана Војтова, директорка на  асоцијацијата, како и амбасадорите на Чешката Република, Словачка и други еминенти гости.

На настанот присуствуваше и г-ѓа Марија Станчевска Ѓоргова, државен секретар во Министерството за култура и туризам на Северна Македонија и г-ѓа Јованка Ѓорѓеска-Кузманоска, Помошник раководител на Сектор за европски интеграции при Министерството за култура и туризам.

По промоцијата на двете публикации, на 21 мај пак, во „Порта Македонија“, Институтот за македонска литература, организираше состанок на Генералната асамблеја на асоцијацијата на Европската културна рута на Св.Кирил и Методиј  при Советот на Европа, во која членува и Северна Македонија, а на која поздравно обраќање имаше и министерот за култура и туризам Зоран Љутков.

Министерот Зоран Љутков во своето обраќање меѓу другото рече: „Оваа рута нè потсетува дека културата е нашата најсилна алатка за мир, за почит, за заедништво. Во време кога светот сè уште се соочува со поделби и неизвесност, ние сме тука и градиме силни мостови – со зборови, со вредности, со дух. Како Министерство за култура и туризам, ќе продолжиме да ја поддржуваме оваа рута со големо почитување и ентузијазам – за да ја зајакнеме, да ја прошириме и пред сè, да ја направиме видлива и жива за младите, за оние што доаѓаат по нас, кои ќе го носат факелот на Кирил и Методиј.“

На маргините на Генералното собрание, исто така се одржа состанок на проф. Валентина Гечевска, проректор за наука на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопјe, и проф. Ренета Божанкова, проректор на Софискиот универзитет, Факултет за славистички студии.

„Длабоко ја цениме поканата на нашите колеги од Универзитетот Св.Кирил и Методиј во Скопјe за одржување на редовниот состанок на Генералното собрание, во време, кога ја одбележуваме важноста на апостолите на Словените за развојот на културата на словенските народи, а во исто време дискутиравме и за можностите за промовирање на Културната рута на Св.Кирил и Методиј, и нашите заеднички активности планирани за во иднина.

Во фокусот на состанокот на Генералното собрание беше и приемот на нови членки од Бугарија и Словачка,  при што мрежата се прошири со 6 нови членки и тоа: Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“; Националното средно училиште за антички јазици и култури „Св. „Константин-Кирил Филозоф“ од Софија; „Фондацијата Глаголица“ од Софија; Бугарскиот културен институт во Братислава; Регионалната туристичка организација „Туризам Братислава“; и Општина Селце (Словачка).

По состанокот во Скопје, претставниците на асоцијацијата се упатија кон Охрид каде што се сретнаа со градоначалникот, г-дин Кирил Пецаков, претставници на Факултетот за туризам и угостителство при Универзитетот „Свети Климент Охридски“ во Битола, и Музејот во Охрид.

За време на престојот во Охрид, гостите имаа можност да ги разгледат охридските цркви и манастири и да го доживуваат живото наследство на следбениците на светите браќа – Свети Наум и Свети Климент Охридски.

Поврзувајќи места, споменици, културни институции и туристички атракции од земјите од Централна, Источна и Јужна Европа, Културната рута на Св. Кирил и Методиј, е една од 48-те културни рути сертифицирани од Советот на Европа, која е со седиште во Злин, Република Чешка. Во моментов, асоцијацијата има 43 членки од 10 земји – Чешка, Словачка, Полска, Бугарија, Северна Македонија, Грција, Унгарија, Словенија, Хрватска и Италија. Нејзините активности го промовираат живото Кирилско-методиевско наследство и вредности засновани на почит и дијалог меѓу луѓе од различни култури и вери.

Мени за пристапност