Во рамките на 66. издание на фестивалот „Охридско лето“, вечер во 21 часот во црквата „Света Софија“ ќе настапи Камерниот оркестар на Националната опера и балет, под диригентската палка на маестра Бисера Чадловска.
Камерниот оркестар на НОБ, основан во 2010 година, го сочинуваат истакнати музичари и солисти на Националната опера и балет. Оркестарот има многубројни настапи во земјава и во странство, а во својот репертоар негува дела од македонски и од светски композитори.
Маестра Бисера Чадловска е една од најистакнатите македонски диригентки, со богата домашна и меѓународна кариера, редовен соработник на Македонската филхармонија и повеќекратен учесник на фестивалот „Охридско лето“.