Во рамките на манифестацијата „Прличеви беседи“ ќе се одржи свеченост посветена на лауреатот на наградата „Григор Прличев“, со настап на градскиот хор „Вокс Лихнидос“, обраќања на претставници од институциите, претставување и артистичка изведба на наградената поема „Темна кутија“, врачување на Повелбата за најдобра поема и свечено обраќање на лауреатот, Братислав Ташковски.
Програмата продолжува со: положување свежо цвеќе пред споменикот и гробот на Прличев, настанот „Стихови и звуци за Прличев“ во Спомен-куќата, обраќања, доделување книги на Брајово писмо, награди за ученички литературни творби, читање на наградените дела и промоција на книгата „Охридска книжевна историографија“. Предвидени се и: положување лаворов венец пред спомен-бистата на Прличев, „Прличева визита“ со доделување на наградата за најдобра беседа, свечена приредба по повод патрониот празник на ООУ „Григор Прличев“, како и поетскиот карван „Добри гости“, со кој ќе бидат заокружени годинашните свечености.