Археолошкото одделение при НУ Музеј Куманово ги заврши археолошките ископувања на ранохристијанската црква на локалитетот Градиште, с. Пчиња, во Бислимска Клисура.
Истражувањата се одвиваа во периодот од 3 ноември до 26 декември 2025 година, под раководство на Дејан Ѓеорѓиевски, кустос советник археолог при НУ Музеј Куманово, и резултираа со значајни археолошки сознанија.
Врз основа на ЛИДАР и ГПР-анализи, како и теренски согледувања, прецизно беа поставени сонди за ископување, при што беа потврдени димензиите на црквата (20 × 10,5 м) и беше откриен нартекс на западната страна со димензии 10,5 × 3,4 м, чиј западен ѕид е зачуван во висина од 1,7 м.
Откриен е и анекс од јужната страна, преку кој се влегувало во нартексот, како и фрагмент од декориран камен кој најверојатно припаѓа на амвон (издигнато место за проповед за свештеникот, на кое се стигнувало по скали). Новооткриените елементи укажуваат на развиена сакрална архитектура и значењето на локалитетот како развиена населба и регионален центар во кумановската област во периодот на доцната антика.