Вечерва, со почеток во 21 часот, во црквата „Св. Софија“ во Охрид ќе се одржи концертот „Унгарска вечер“, на кој ќе настапат младата унгарска кларинетистка Ноеми Салаи и пијанистката Александра Балог.
На програмата се дела од Роберт Шуман, Мате Бела, Золтан Кодај, Реже Кокаи и Бела Барток.
Салаи, која дипломирала на колеџот „Бард“ и магистрирала на „Џулијард“, е учесничка на престижната програма „Ансамбл конект“ на „Карнеги хол“ и добитничка на повеќе награди. Балог, пак, е лауреатка на Меѓународниот натпревар „Бела Барток“, Фулбрајтова стипендистка, добитничка на наградата „Прима“ и една од „Најдобрите 30 под 30“ на „Форбс Унгарија“.
Публиката ќе има можност да ужива во врвна интерпретација на унгарската и европската класична музика во амбиентот на „Св. Софија“.