Продолжуваат бесплатните проекции на македонски филмови во „Синеплекс“, секој понеделник со почеток во 19:00 часот. Во рамки на програмата, публиката ќе има можност да погледне избор на значајни македонски играни и документарни филмови и повторно да ги доживее домашните филмски остварувања на големото платно.
Програмата започнува на 24 август со „Кога денот немаше име“ на Теона Стругар Митевска, а продолжува со „Трето полувреме“ на Дарко Митревски, „Медена ноќ“ на Иво Трајков и „Три дена во септември“ на Даријан Пејовски. На 14 септември ќе биде прикажан блок документарни филмови, составен од „Шивачките“ на Биљана Гарванлиева, „Господата од современа“ на Ана Алексовска и „Антигона“ на Ибер Деари.
Влезот за сите проекции е бесплатен и не е потребна претходна резервација. Местата се обезбедуваат по принципот „прв дојден, прв услужен“.
Ова е одлична можност за љубителите на филмот да се потсетат на дел од највпечатливите домашни филмски остварувања и да ја проследат македонската кинематографија во кино-сала, на големото платно.