Македонската опера и балет вчера и денеска од 20 часот го организира традиционалниот концерт по повод празникот Василица, годинава под наслов „Диско вечер“, со програма што ги претставува во современа интерпретација најпознатите диско и поп-хитови од 1970-тите и 1980-тите години.
Публиката ќе има можност да ги слушне делата на светски признати автори и изведувачи, како: Глорија Гeјнор, Дона Самер, АББА, Би Џис (Bee Gees), Мајкл Џексон и многу други, но во сосема ново руво: низ симфониски аранжмани што ја прошируваат нивната оригинална форма и ги поставуваат во контекст на современа концертна естетика. „Диско вечер“ создава мост меѓу жанровите, генерациите и музичките традиции поврзувајќи ја популарната култура со институционалната сцена на класичната музика. Таквата синтеза ја нагласува отвореноста на Националната опера и балет кон современите културни текови и нејзината мисија да понуди програми што се истовремено квалитетни, иновативни и достапни за пошироката јавност.
Солисти ќе бидат домашни и странски пејачи: Џудит Н. Беноа од Велика Британија, Даниел Ситрит и Мартин Лин од Данска, Клара Лукас од Германија и Ана Петановска од Македонија. Ќе настапат Оркестарот на Националната опера и балет и Националниот џез-оркестар.
Режисер на концертот е Дејан Прошев, диригент е Емин Џијан, сценограф и автор на видеодизајнот е Марија Ветероска и светломајстор е Милчо Александров.