Зимското издание на Мрежата на фестивали на Јадранскиот Регион ќе се одржи од 22 јануари до 5 февруари, со што публиката во Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, Словенија и во Северна Македонија ќе има можност бесплатно да гледа избор на наградувани регионални филмови – во кината и онлајн.
Публиката на земјите членки на Мрежата ќе има можност да гледа шест наградувани регионални филмови: „Семејна терапија“ од Соња Просенц, „Fiume o morte!“ од Игор Безиновиќ, „After the Summer“ од Данис Тановиќ, „Мајка Мара“ од Мирјана Карановиќ, „Живи и здрави“ од Иван Мариновиќ и „Планета 7693“ од Гојко Бекуљан.
Програмата започнува на 22 јануари со бесплатни кинопроекции во Белград, Сараево, Загреб, Љубљана, Херцег Нови и во Скопје, додека сите филмови ќе бидат достапни онлајн од 23 јануари преку платформата ondemand.kinomeetingpoint.ba.
Зимското издание се реализира како заеднички проект на водечките филмски фестивали во регионот: Белградскиот филмски фестивал, Сараевскиот филмски фестивал, Меѓународниот филмски фестивал во Љубљана, Загрепскиот филмски фестивал, Филмскиот фестивал во Херцег Нови и Фестивалот „Браќа Манаки“ од Северна Македонија. Ова е четврто зимско издание на Мрежата на фестивали на Јадранскиот Регион, организирано заради поголема видливост, достапност и промоција на квалитетна современа регионална кинематографија.
Програмата на Мрежата на фестивали на Јадранскиот Регион се спроведува со поддршка од потпрограмата „МЕДИА“ од програмата „Креативна Европа“.