Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Театарот за деца и младинци – Скопје со „Роња, ќерката на ограбувачот“ на фестивал во Мостар

Театарот за деца и младинци – Скопје со „Роња, ќерката на ограбувачот“ на фестивал во Мостар

Театарот за деца и младинци – Скопје на 22 септември 2025 година (понеделник) во 19:30 часот ќе ја изведе наградуваната куклена претстава „Роња, ќерката на ограбувачот“ во Куклениот театар во Мостар, Босна и Херцеговина, во рамките на петтиот Меѓународен фестивал на куклена уметност во Мостар (ФЛУМ 2025), што ќе се одржи од 21 до 26 септември во организација на Куклениот театар во Мостар.

Претставата е работена според истоимениот роман на Астрид Линдгрен – светски познатата шведска авторка на романот „Пипи Долгиот Чорап“. Станува збор за динамична куклена адаптација со изразен сценски ритам и музички сегменти. Во фокус на дејствието е храброто и независно девојче Роња, чие растење е проследено со многу пресвртници. Приказната ги води гледачите низ свет на ривалски банди, таинствени шуми и фантастични суштества, а во него две деца од различни кланови на ограбувачи започнуваат една сосема поинаква авантура, притоа истакнувајќи ја силата на пријателството и изборот на сопствен пат.

Режијата и драматизацијата се на Јакуб Максимов (Чешка), драматург е Горјан Милошевски, сценографијата, дизајнот на кукли и маски, како и костимографијата се на Олга Зјебињска (Полска), а музиката е на композиторот и корепетитор Лазар Новков (Србија). Улогите ги толкуваат Матеа Јанковска, Никола Наковски, Мики Анчевски, Катарина Илиевска Силјановска, Ангела Димитрова и Петар Стојанов.

Во натпреварувачката програма на фестивалот се опфатени десет претстави од: Бугарија, Унгарија, Чешка, Шпанија, Словачка, Хрватска/Кореја, Србија, Црна Гора, Северна Македонија и Босна и Херцеговина. Фестивалот, исто така, нуди и богата придружна програма со перформанси, книжевни промоции и работилници за деца и театарски работници. Влезот за сите настани е бесплатен.

Мени за пристапност