По повод Европските денови на наследството 2025 година, НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид, во соработка со Институтот за културно наследство и археологија и Универзитетот „Хумболт“ од Калифорнија, го организираше Првиот меѓународен симпозиум за теоретска медитеранска археологија „Лихнида“, што се одржа во Охрид од 19 до 21 септември.
Државниот секретар во Министерството за култура и туризам, Марија С. Ѓоргова, во своето обраќање на симпозиумот во Охрид, градот на УНЕСКО, пред присутните истакна дека е ова уште една можност за унапредување на научната соработка и заштитата на нашето културно наследство.
„Меѓународниот симпозиум за теоретска медитеранска археологија е настан од особено значење за поврзување на истражувачите и стручњаците од различни земји, за размена на искуства и можности за соработка во заштитата на културното наследство, како и за истакнување на неговото значење за иднината на општеството“, изјави Ѓоргова.
На настанот, научници, експерти и истражувачи од земјава дискутираа на теми од областа на археологијата, со посебен акцент на медитеранското културно наследство и современите теоретски пристапи во неговото проучување.
Присуството на државниот секретар од Министерството за култура и туризам е потврда за поддршката во напорите за унапредување на научната соработка и зачувување на културното наследство од глобално значење.