Со три премиери на сценскиот спектакл „Сонцето, колку е блиску сонцето – Made in MNT“, во режија на Дејан Пројковски, МНТ ќе одбележи 80 години постоење.
Вчера во МНТ беше претставен концептот на настанот, чија премиера е закажана за 29 декември, 15 и 16 јануари, на големата сцена на МНТ. Претставата ќе понуди аудиовизуелно патување низ македонската драматургија, поезија, проза и ликовна уметност.
Сценскиот спектакл ги обединува минатото и сегашноста на театарот преку клучните вредности, како: љубовта кон театарот, уметничката храброст, посветеноста, визијата, тимската работа, негувањето на традицијата и создавањето нови вредности за иднината.
Во проектот учествуваат ансамблот на Македонскиот народен театар, оперски уметници, како и студенти по актерска игра и актери од Факултетот за драмски уметности и од „Еуропа Прима“. Претставата комбинира повеќе изразни средства со посебен акцент на 3Д-видеомапирање, што, како што наведуваат од Театарот, создава силно визуелно и емотивно сценско доживување.