Пред многубројна публика, вчера во Македонскиот КИЦ во Загреб беше отворена изложбата „Простори на конјункција“, којашто Македонскиот КИЦ во Загреб ја реализира во соработка со Националната галерија.
„Простори на конјункција (спојување)“ е повеќеслојна мултимедијална мрежа што инсистира на активен гледач и коавторство. Секој кој влегува во овие простори, влегува во релација со фрагментите – распарчените траги на интимното, архивирани во материјали што постојано се обидуваат да се спојат во нова целина.
Низ графика, цртеж, фотографија, видео, објект, колаж, уметниците не само што раскажуваат приказни, туку градат мултимедијални платформи во кои секој медиум станува посебен канал за конјункција.
На уметничката компилација со наслов „Простори на конјункција“ – Картографија на фрагментот: Наративи, граници, меморија“, претставени се дела на реномирани современи македонски автори: Роберт Јанкулоски, Велимир Жерновски, Моника Мотеска, Шќипе Мехмети, Ирена Паскали, Михаела Јовановска, Ѓорѓе Јовановиќ, Ацо Станкоски, Иванчо Талевски, Жанета Вангели и Марија Сотировска.
Проектот на Националната галерија на Македонија „Простори на конјункција“ оваа година беше претставен и во македонските културно-информативни центри во Софија, Белград и во Истанбул.