По повод 35-годишнината од независноста на Македонија, вечер со почеток во 21:00 часот на платото пред Музејот на Македонија во Старата скопска чаршија ќе се одржи мултимедијалниот настан „Уметноста ја крши тишината“, кој ќе обедини музика, поезија, визуелна уметност, перформанс и современа клупска култура.
Вечерта ќе ја отвори Игор Џамбазов, а во официјалниот дел од програмата ќе настапат Весна Микиќ на харфа, Александра Илиева на саксофон, Јана Стојановска, Мишел Трајковски – „Скопје Виа“, Лаура Карлиу и Никола Перевски – „Нокаут“.
Посебен акцент во програмата е ставен на културната разновидност и меѓусебното поврзување на заедниците, преку настапите на Јана Стојановска, Мишел Трајковски и Лаура Карлиу, која ќе изведува песни на македонски и на албански јазик.
Во рамките на настанот ќе биде отворена и изложба под кураторство на Антони Мазневски, со дела од: Михаил Корубин, Калина Брајковска, Решад Ахмети, Игор Јосифов, Крсто Глигоријадес, Ангел Миов и Синиша Новески. Програмата ќе биде дополнета и со рецитал на актерката Ана Стојановска.
По официјалниот дел, платото пред Музејот на Македонија ќе се претвори во простор за клупска и електронска музика. Ќе настапат Нино Флудер (Nino Fluder) и Александра Илиева на саксофон, како и Ампов (Ampov) и Димчуга (Dimchuga) од колективот „Буру“ (Buru). Завршниот настап е резервиран за грчката диџејка и радиоводителка Мирофора (Myrophora) од Солун, членка на „NON collective“, која настапувала на музички фестивали и културни настани во Грција и во регионот.