Во Македонскиот културно-информативен центар на 2 јули 2026 г. (четврток), со почеток во 18:30 часот, ќе биде отворена изложбата „Трансформации на структурата од картон кон форма“ на младиот македонски уметник Давид Атанасоски од Прилеп.
Изложбата претставува дваесетина колажи создадени од фотографии на претходно изработени картонски скулптури. Преку нив, авторот ја истражува трансформацијата на формата, меморијата и просторот, претворајќи ги скулпторските дела во нови, автономни визуелни композиции.
Давид Атанасоски (роден во 1995 година во Прилеп) дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на отсекот вајарство со конзервација и реставрација, и е член на меѓународната организација за уметност и култура „Narrative Movements“.
Досега реализирал девет самостојни изложби во Скопје, Прилеп, Нови Сад и во Истанбул, а учествувал и на многубројни групни изложби во Македонија, како и во Њујорк (САД), Гонгју-си и Чонџу (Република Кореја).