На 14 мај (четврток) 2026 година, со почеток во 18:30 часот, во галеријата на Македонскиот културно-информативниот центар во Софија ќе биде отворена самостојната ликовна изложба „Дамки“ од македонскиот уметник Перо Кованцалиев.
Изложбата „Дамки“ е составена од серија цртежи и објекти од проектите „Капиталистичка авантура“, реализиран во 2020 година во Домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје (галерија „КО-РА“), и „Политичка лиричност“, реализиран во НУ Музеј – Гевгелија (галерија „Амам“).
Делата се изработени од микрочестички што согоруваат од материјата, односно отпадот, фиксирани како цртежи на хартија, платна и на други површини. Во овој случај тоа е текстилен отпад.
Отпадот е обликуван во форма на факли (помали и поголеми), кои горат под површините на кои се фиксираат честиците. На овој начин непосакуваната материја останува со нас видлива, да сведочи за нејзиното постоење во една естетска рамка која постојано ќе потсетува и ќе ја одржува свесноста за потрошувачките навики.
Чадот, како главен елемент во делата, танцува исцртувајќи движења и форми, создава разнолик ритам во композициите. На овој начин некои од делата се исполнети со ведрина и леснотија додека, пак, други ја носат сета мачнина на современиот човек денес.
Изложбата ќе остане отворена за посетителите до 28 мај 2026 година.