Од 18 до 25 август 2026 година, ЦК „Марко Цепенков“ ќе ја реализира 18-та ликовна колонија „Марко Цепенков – Дрен 2026“. Годинава на колонијата ќе творат Дамјан Ѓуров, Никола Пијанманов, Марјан Стојаноски, Слободан Милошески, Озбек Ајваз, Славчо Павлески и Емил Солески, кои ќе создаваат монументални скулптури наменети за јавен простор.
Колонијата е дел од годишната програма на ЦК „Марко Цепенков“ во визуелните дејности, поддржана од Министерството за култура и туризам, а годинава за првпат е поддржана и од Општина Прилеп.
Осумнаесеттото издание става посебен акцент на монументалната скулптура и нејзиното значење во јавниот простор, со цел создавање трајни уметнички дела кои ќе го збогатат културниот амбиент и идентитетот на градот.
Со реализацијата на колонијата, ЦК „Марко Цепенков“ продолжува да ја негува традицијата на оваа значајна ликовна манифестација и да придонесува кон развојот на современото ликовно творештво и културниот живот во Прилеп.