Портрет посветен на легендарната македонска музичка ѕвезда Нина Спирова ќе се одржи вечер во 20:30 часот во Културно-информативниот центар во Белград. Настанот е дел од проектот „Портрети“, посветен на истакнати македонски уметници кои живееле, твореле и оставиле значаен белег на музичката и културната сцена во Белград и Србија.
По успешното минатогодишно издание посветено на Зафир Хаџиманов, на кое учествуваа Бисера Велетанлиќ и Васил Хаџиманов, годинава КИЦ во Белград ќе реализира музички портрети на три легендарни македонски музички имиња – Нина Спирова, Маја Оџаклиевска и Бети Ѓорѓевиќ.
Првиот е посветен на Нина Спирова (1938 – 2020), една од најзначајните македонски интерпретаторки, препознатлива по своите изведби на забавни мелодии и традиционални македонски песни, со кои остави траен белег во македонската музичка историја.