Во рамките на програмата Креативна Европа – потпрограма Култура за 2026 година со краен рок за поднесување на предлог-проектите 5 мај 2026 година до 17:00 часот (по средноевропско време)
Поддршката на Европската Унија во рамките на повикот за „Проекти за европска соработка“ е наменета за проекти со широк спектар активности и иницијативи кои вклучуваат организации од културните и од креативните сектори во 40-те земји учеснички во програмата Креативна Европа – потпрограма Култура.
Со буџет од околу 60 милиони евра за 2026 година, се очекува да се поддржат околу 150 проекти, кои ќе овозможат соработка меѓу организациите активни на полето на културата во земјите учеснички во програмата Креативна Европа – потпрограма Култура за да се зајакне транснационалната димензија на создавање и циркулација на европската уметничка содржина, мобилноста на уметниците и професионалците од релевантните сектори, размената на знаења и искуства меѓу културните организации и сл. Исто така, се очекува преку проектите да се поттикнат развојот, експерименталноста, ширењето на информации и примената на нови и иновативни практики.
ЦЕЛИ НА ПОВИКОТ
Цел 1 – Транснационално создавање и циркулација: да се зајакнат транснационалното создавање и циркулација на европски дела и уметници.
Транснационалното создавање и циркулација се клучни за напредок на соработката, зголемување на видливоста и публиката и, во многу случаи, се неопходни за одржливоста и развојот на културните организации, институции и индивидуалци. Исто така, копродукцијата претставува алатка за поттикнување на креативноста, за споделување ресурси и за олеснување на транснационалната дистрибуција на содржини и мобилност на уметниците. Проектите треба да интегрираат иновативни и креативни начини на создавање и ширење содржини.
Цел 2 – Иновативност: да се зајакнат капацитетите на европските културни и креативни сектори за поддршка на таленти, развој на иновации, создавање работни места и за обезбедување економски раст.
Проектите кои соодветствуваат на оваа цел треба да бидат насочени кон јакнење на капацитетите, а тоа може да биде од технолошка и од уметничка природа. Ова може да вклучува заедничко создавање и дистрибуција на европски дела до различна публика, развој на нови практики, како и пренос на успешни модели на работа од понапредни региони.
Иновациите можат да опфатат и социјални аспекти: развој на публика, подобрување на работните услови на уметниците, родова еднаквост, инклузија на лица со попреченост и малцинства, борба против климатските промени, дигитализација и користење на вештачка интелигенција за поддршка на креативноста, како и придонес кон здравјето и благосостојбата.
Проектите за европска соработка се отворени за сите културни и креативни сектори. Имајќи предвид дека повикот е дел од потпрограмата Култура, проектите со ексклузивна аудиовизуелна содржина и/или исклучиво составени од организации од аудиовизуелниот сектор немаат право да аплицираат.
КАТЕГОРИИ НА ПОВИКОТ
Новина: Повикот за европска соработка за 2026 година се однесува на две категории:
Проекти за соработка од мал обем (CREA-CULT-2025-COOP-1): минимум 3 партнери од 3 квалификувани земји/ЕУ-грант до 200 000 евра (до 80 % од вкупниот буџет на проектот);
Проекти за соработка од среден обем (CREA-CULT-2025-COOP-2): минимум 5 партнери од 5 квалификувани земји/ ЕУ-грант до 1 000 000 евра (до 70 % од вкупниот буџет на проектот).
ВРЕМЕТРАЕЊЕ НА ПРОЕКТИТЕ
Времетраењето на проектите од двете категории изнесува максимум 48 месеци.
КВАЛИФИКУВАНИ АПЛИКАНТИ
Правни лица (приватни и јавни) со седиште (регистрирани) во една од 40-те земји учеснички во програмата Креативна Европа – потпрограма Култура. Физички лица не се квалификувани за аплицирање на овој повик.
РОК ЗА АПЛИЦИРАЊЕ
Краен рок за поднесување на предлог-проектите е 5 мај 2026 година, до 17 часот по средноевропско време.
Информации за повикот може да најдете на следниов линк
Апликациите се поднесуваат електронски преку „Funding&Tenders Opportunity Portal“ на следниве линкови:
· За Проекти за соработка од мал обем тука
· За Проекти за соработка од среден обем тука
Повеќе информации за критериумите и за начинот на поднесување на предлог-апликацијата може да најдете во документот за повикот (CREA-CULT-2026-COOP Version 1.0 од 05 март 2026) на следниов линк