Програмата „Креативна Европа“, преку Меѓусекторската потпрограма, обезбедува 3 милиони евра за поддршка на европскиот механизам за брза реакција наменет за заштита на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите (News - Media Freedom Rapid Response Mechanism).
Цели и приоритети на повикот
Целта на повикот „News – Media Freedom Rapid Response Mechanism“ е да ги зајакне заштитата на слободата и плурализмот на медиумите и безбедноста на новинарите во Европа преку воспоставување и управување со европски механизам за брза реакција.
Посебен акцент се става на обезбедувањето практична и правна поддршка за новинарите и за другите медиумски професионалци кои се соочуваат со закани, притисоци или со други форми на загрозување при извршувањето на својата професионална дејност, како и на систематското следење на повредите на слободата на медиумите.
Во таа смисла, повикот е насочен кон:
– заштита на новинарите и медиумските професионалци изложени на ризик преку навремена и конкретна помош;
– следење и документирање на повредите на слободата на печатот и медиумите, со цел рано идентификување на ризиците;
– обезбедување веродостојни информации за јавноста и европските институции за состојбата со слободата и плурализмот на медиумите;
– подигнување на јавната свест и промовирање на безбедноста на новинарите и важноста на слободните и независни медиуми.