По повод одбележувањето на Денот на Европа, на 21 мај 2026 година во амфитеатарот при младинскиот културен центар „Дом на млади“ во Штип се одржа настан под мотото „Европа е за можностите“. Целта на настанот беше да им ги доближи европските перспективи за образование, мобилност и меѓународна размена на младите од Штип и од регионот.
Во рамките на програмата се одржа „Саем на ЕУ-можности – студии, мобилност и размена во Европа“, на кој учествуваа претставници од: Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, амбасади на земји членки на ЕУ, факултетите при Универзитетот „Гоце Делчев“, програмите „Еразмус+“ и „Креативна Европа“, како и граѓански организации што работат со млади и студенти.
Програмата продолжи со младински дијалог на тема „Можности без граници: млади, Еразмус+ и ЕУ“ и заврши со концерт изведен од бендот на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Гоце Делчев“.
Канцеларијата на Креативна Европа беше претставена со информативен штанд каде што преку разговори и индивидуални консултации, посетителите имаа можност да добијат подетални информации за поддршката и инструментите што ги нуди програмата, со особен фокус на акциите наменети за мобилност на младите.