Државниот секретар во Министерството за култура и туризам Марија С. Ѓоргова денеска присуствуваше на свечената академија насловена „Од слово до вечност“ што се одржа во црквата „„Св. Софија “ во Охрид по повод одбележувањето на Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј.
На настанот се обрати претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, кој истакна дека пораката на Кирил и Методиј останува трајна и современа дека секој народ има право на образование, култура, духовен израз и свој јазик. Според него, народ кој не ја познава својата писменост и култура лесно може да се отуѓи од сопствената историја.
Во рамки на свеченоста беше поставена и изложба посветена на сакралното културно наследство. Посетителите имаа можност да разгледаат оригинални литургиски предмети, како и вредни експонати од збирката на икони, заедно со копии од значајни икони и фрески, од НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид.
Преку изложените експонати беше прикажан континуитетот на црковната уметност, како и нејзината улога во зачувување на писменоста, културниот идентитет и духовното наследство на словенските народи.