Туристичкиот сектор во Македонија продолжува да бележи значајни успеси. Најнов пример за тоа е „Konak Hilltop Lodge & Villa“, кој во соработка со „Sky Macedonia“ официјално влезе во реномираниот „Good Travel Guide“ за 2026 година.
Проектот успешно го помина процесот на евалуација „GTE Scan“ со максимален резултат од 100 поени, што значи дека понудата е целосно усогласена со принципите на одржлив туризам. По повеќемесечна подготовка, анализа, тестирање и две независни ревизии спроведени од „Green Destinations“, македонскиот тим успеа да обезбеди место меѓу најдобрите.
Со ова, Крушево за првпат добива туристички производ вклучен во престижната листа на „Good Travel Guide Experiences“, во конкуренција од 29 земји и три континенти.
Препознаената понуда, наречена „Fly Green“, претставува иновативна и одржлива параглајдинг-тура која комбинира природа, култура и адреналин. Таа вклучува сместување во еколошки сертифицирани капацитети, сценски прошетки низ природата со едукативен аспект, гастрономско искуство со локални специјалитети од одржливи извори, како и тандем-летови со лиценцирани пилоти над Крушево, придружени со стручно објаснување и претставување на културно-историското богатство.
Организаторите потенцираат дека успехот е резултат на посветеноста кон одговорен развој на туризмот и внимателно управување со природните ресурси. „Ова е доказ дека Македонија има капацитет да понуди врвни одржливи туристички искуства на светско ниво“, истакнуваат од тимот.
Вклучувањето во „Good Travel Guide“ претставува значаен чекор за позиционирање на Крушево како зелена и одржлива туристичка дестинација, со потенцијал да стане пример во регионот и пошироко.