Изложбата „Архивски документи“ на професорката и ликовна уметница Жанета Вангели претставува прв програмски проект на Националната галерија за 2026 година. Проектот ќе се реализира во Македонскиот културно-информативен центар во Загреб, со поддршка од Министерството за култура и туризам.
Претседателката на Република Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, која престојува во официјална посета на Република Хрватска на покана од хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, вечер во 19 часот свечено ќе ја отвори изложбата.
На отворањето ќе се обратат и директорката на Културно-информативниот центар, Мими Ѓоргоска-Илиевска, директорот на Националната галерија, Али Синани, како и кураторката на изложбата, Маја Крстевска. На настанот ќе присуствува и амбасадорот на Република Северна Македонија во Република Хрватска, Н.Е. Драган Ѓурчевски.
Националната галерија продолжува со активна промоција на македонската култура и современа уметност во Хрватска. По успешното минатогодишно претставување на група современи македонски уметници во Загреб, соработката продолжува и оваа година. Изложбата „Архивски документи“ е прво претставување на Жанета Вангели пред хрватската публика и опфаќа 41 дело изработено во техника принт на плексиглас, како и аудиоматеријали.