НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид е годинашен добитник на престижната награда „Жива“ за најдобар словенски локалитет. Оваа престижна награда охридскиот Завод и музеј ја доби во конкуренција од 150 музеи од 13 земји. Наградата свечено му беше доделена на директорот, м-р Горан Патчев, на 11-тиот Форум на словенските култури во Требиње, Босна и Херцеговина. Ова признание, доделено од Форумот на словенските култури, претставува најголемата награда што досега ја има добиено една музејска институција во Македонија.
Жирито составено од 16 музејски експерти од различни словенски земји и од Европската музејска академија (ЕМА), во образложението зошто токму Заводот и музеј од Охрид ја добива наградата, наведува дека признанието е за напорите во заштитата и толкувањето на огромниот културен пејзаж околу езерото, кој претставува единствен пример за интеракција меѓу природата и човечката активност.
Наградите „Жива“ за најдобар словенски музеј и за најдобар словенски локалитет всушност претставуваат мрежа која обединува речиси 250 музеи и локалитети низ 13 словенски земји.
Тоа е единствена културна платформа посветена на промовирањето, на заштитата, комуникацијата и на општествената улога на словенските музеи и локалитети. Тоа што годинава Заводот и музеј ја донесе наградата во Охрид, ќе отвори можност за поголема промоција и видливост на локалитетот во европски и во светски рамки.