На 3 ноември 2025 година, директорот на Националниот конзерваторски центар – Скопје, м-р Александар Јорданоски, м-р Цветанка Хаци Пецова, дипл. инж. арх., раководител на сектор и надворешниот стручен соработник Ристо Петковски, дипл. инж. арх., конзерватор советник, остварија работна посета во манастирскиот комплекс „Св. Атанасије“ во Лешок, Општина Теарце, кој претставува значајно културно наследство и најголем духовен центар во Полошкиот Регион.
Главната цел на посетата беше започнувањето со конзерваторско-реставраторските интервенции на Стариот конак во Лешочкиот манастир, изграден во 1883 година. Со својот репрезентативен архитектонски изглед и импозантни димензии (габарит и височина од П+2 ката), овој објект зазема доминантна позиција во границите на споменичната целина од религиозен карактер.
Во рамките на седмата фаза се предвидени заштитни интервенции кои во најголем обем се однесуваат на третман на фасадите: ѕидање ѕид од внатрешната страна за зацврстување на постојните периметрални бондручни ѕидови низ двете нивоа на конакот, обнова/реконструкција на декоративните фасадни елементи, финална обработка на архитектонско-конструктивните делови кај главната влезна партија на конакот, како и изработка и вградување на комплетна фасадна столарија (вкупно 116 дрвени прозорци од различен тип и формат, изработка на надворешна масивна дрвена влезна врата и други фасадни работи во согласност со договорните обврски со фирмата).