Со концерт во големата хала на најстариот и најреномиран Универзитет ЕЛТЕ (Eötvös Loránd University) во Будимпешта вечер во 19 часот, Националниот џез-оркестар од денеска ја започнува својата европска турнеја. Тамошниот концерт претставува можност за промоција на македонската музика пред интелектуална и интернационална публика. Националниот џез-оркестар ќе го предводи диригентот Владимир Николов, а македонските џезери ќе се претстават со програма од македонски автори, „Македонски сновиденија“ (Macedonian Dreams). Оваа програма е уникатна фузија на македонски фолклорни мотиви и современ џез, вистинска музичка приказна која Националниот џез-оркестар со гордост ја носи на европските сцени, претставувајќи ја македонската културна и музичка традиција во современ контекст.
По Будимпешта, ќе следуваат настапи во Прага на 14 ноември („Фабрика“/La Fabrika, 19:30 часот) и во Виена на 17 ноември (Клуб „Порги и бес“/Club Porgy & Bess, 20:30 часот). „Фабрика“ (La Fabrika) е современ уметнички центар и една од најпознатите џез и театарски сцени во Чешка. Тамошниот настап ќе овозможи вмрежување со европската џез-заедница и претставување на Оркестарот пред публика навикната на автентични и експериментални музички форми. Клубот „Порги и бес“ (Club Porgy & Bess) е меѓу најпознатите и најзначајни џез-клубови во Европа, домаќин на врвни имиња од светската сцена. Настапот во Виена е клучен момент на турнејата бидејќи го позиционира Националниот џез-оркестар рамо до рамо со светските џез-ансамбли.