Со одбележување на Светскиот ден на науката – 10 Ноември, вчера во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“- Скопје започна манифестацијата „10. Отворени денови“.
Оваа година во рамки на Отворените денови ќе бидат одбележани јубилејните 80 години македонска азбука и македонски правопис, како и неколку годишнини од раѓања на македонски лингвисти: 100 години од раѓањето на Трајко Стаматоски, 105 години од раѓањето на Божидар Видоески, 80 години од раѓањето на Зденка Рибарова и 60 години од раѓањето на Убавка Гајдова.

На отварањето, покрај директорката на Институтот, Елена Јованова-Грујовска и останатите гости, поздравно обраќање имаше и Менче Андреева, директор на Инспекторатот за употребата на македонскиот стандарден јазик.
Во своето обраќање таа честитајќи го јубилејот 80 години македонска азбука и македонски правопис рече дека македонскиот јазик за нас, не е само средство за комуникација, туку е темел на нашата национална самобитност, заедно со неговото кирилично писмо и правопис.
„ Во македонскиот јазик се вградени слоеви од богатата народна традиција, како и од старословенското наследство, што го прават богат, изразит и единствен систем моќен целосно да пренесе и најсуптилни мисли и чувства. Денес, во време на дигитална комуникација и глобализација, македонскиот јазик се соочува со нови предизвици: туѓи зборови, англицизми, кратенки и поедноставен израз. Но токму сега, повеќе од било кога, наша должност е да го чуваме и унапредуваме јазикот – не со затворање во минатото, туку со мудро прифаќање на новото, притоа зачувувајќи ја јазичната суштина и посебност“, рече Андреева.
Десеттите по ред отворени денови на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ ќе завршат на 14 ноември.