По повод Меѓународниот ден на музеите (18 Мај), Природонаучниот музеј постави „Поп ап (Pop Up) музеј“ во „Скопје сити мол“ (Skopje City Mall), мобилна музејска поставка што може да „никне“ на различни неочекувани локации, потсетувајќи дека и јавниот простор може да биде музеј.
Поставката е составена од внимателно избрани примероци од музејските депоа, изложени во осум коцки и една диорама, а секоја од нив раскажува посебна приказна за ретки, ендемични, мистични и за пошироката јавност речиси непознати видови од природата на Македонија.
Поставката ќе биде изложена до 26 мај на првиот кат кај главниот влез во „Скопје сити мол“.