Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков дел од државно-црковната делегација во Рим и во Ватикан

Министерство за култура и туризам Министерство за култура и туризам

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков е дел од македонската државно-црковна делегација која, предводена од претседателот на Собранието Африм Гаши, деновиве, по повод чествувањето на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј, престојува во официјална посета на Рим и Ватикан.

 

Според програмата, денеска делегацијата во Ватикан ќе има аудиенција кај папата Лав XIV и средба со кардиналот Пјетро Паролин, државен секретар на Светиот  Престол.

 

Свештенослужители на Македонската православна црква, предводени од архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан, утре во базиликата „Сан Клементе“ во Рим ќе одржат молебен на гробот на Свети Кирил.

 

Македонската делегација ќе ја посети и папската базилика „Санта Марија Маџоре“ каде што ќе биде положен венец на спомен-плочата напишана на македонски јазик. Во базиликата „Санта Марија Маџоре“ делегацијата ќе го посети и гробот на папата Франциск, кој почина минатата година.

 

Манифестацијата во чест на Свети Кирил ќе заврши в недела со концерт на камерниот ансамбл „Консонанс“, што ќе се одржи во салата „Хорти Салустијани“ во Рим. Концертот е дел од културната програма по повод одбележувањето на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј, а пред меѓународната публика ќе бидат изведени дела инспирирани од македонската духовна и музичка традиција. Со настапот на „Консонанс“ ќе биде заокружено годинашното чествување во Рим и во Ватикан.

Мени за пристапност