Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

„Македонски сновиденија“ вечер на „Охридско лето“

„Македонски сновиденија“ вечер на „Охридско лето“

Националниот џез-оркестар вечер во 21 часот на сцената Долни Сарај ќе го изведе концертот „Македонски сновиденија“, во рамките на 66. „Охридско лето“. Со Оркестарот ќе диригира маестро Владимир Николов, а специјален гостин ќе биде трубачот Питер Сомуа од Гана.

 

На програмата се нови аранжмани на македонски народни песни и авторски композиции инспирирани од македонската фолклорна традиција. Меѓу нив е и новиот аранжман на „Билјана платно белеше“, на пијанистот Гордан Спасовски.

 

Концертот „Македонски сновиденија“ ќе биде изведен и во Битола на 16 август во 20 часот пред Офицерскиот дом, без гостувањето на Сомуа. Влезот е слободен.

 

Концертот е објавен и како ЦД и на дигиталните платформи, а наскоро се најавува и винил-издание. Проектот веќе имаше успешни настапи во Будимпешта, Прага, Виена и во Брисел, каде што Оркестарот беше награден со стоечки овации.

 

Питер Сомуа е наградуван млад џез-трубач кој живее и работи во Ротердам. Добитник е на Erasmus Jazz Award и на „Edison Jazz Award, а во својата музика комбинира џез, фанк, соул и традиционална музика од Гана.

Мени за пристапност