Македонскиот КИЦ во Загреб ја претстави современата македонска уметност пред хрватската публика преку изложбата „Флуктуација“ на визуелниот уметник Филип Перески и концертот „Звучен пат“ на младите музички уметници Симеон Гошев – виолина, и Анастасија Гичевска – пијано.
Изложбата го претставува творештвото на Перески и неговото истражување на линијата како визуелен елемент, додека концертната програма опфати дела од Цезар Франк, Хенрик Вињавски и македонскиот композитор Томислав Зографски.
На настанот се обратија македонскиот амбасадор во Хрватска, Драган Ѓурчевски, и директорката на КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска, кои ја истакнаа важноста на културната соработка и промоцијата на македонското творештво во Хрватска.
Настанот е дел од годишната програма на Македонскиот КИЦ во Загреб, со поддршка од Министерството за култура и туризам.