Во рамките на својата годишна програма, Македонскиот културно-информативен центар во Софија и годинава беше дел од 15-тата Меѓународна книжевна манифестација „Европска ноќ на литературата“, една од значајните европски културни средби посветени на современата литература и нејзиното доближување до читателите.
Со своето учество, Република Македонија застана рамо до рамо со Австрија, Белгија, Бугарија, Германија, Грција, Данска, Ирска, Шпанија, Италија, Холандија, Обединетото Кралство, Полска, Словенија, Украина, Унгарија, Финска, Швајцарија, Шведска и Чешка, претставувајќи го богатството и современиот израз на македонската книжевност пред софиската публика.
Присутните гости на македонското „читателско гнездо“ ги поздрави директорот на Македонскиот културно-информативен центар во Софија и дипломатски советник, проф. д-р Зоран Пејковски, кој во своето обраќање ја истакна важноста на ваквите меѓународни културни манифестации за афирмацијата на македонската литература, јазик и култура, како и за продлабочувањето на културните врски и соработката меѓу европските земји.