Денеска во 18:00 часот во Националниот археолошки музеј – Скопје ќе се одржи „Приказна што се носи“, настан посветен на инклузијата, одржливоста и креативноста.
Во рамките на настанот, старите банери од минати музејски изложби и настани добиваат нов живот преку уникатни рачно изработени чанти, ранци и несесери. Производите се создадени во соработка со ДСУРЦ „Партенија Зографски“ и „Прекроено МК“, со цел да се истакне важноста на повторната употреба, заедничката работа и можностите за активно учество на сите.
„Приказна што се носи“ е дел од активностите со кои Националниот археолошки музеј ги одбележува Европските денови на културното наследство под темата „Наследство во ризик – Оживеј – Заштити – Преосмисли“.
Преку ревија на уникатни производи, настанот ќе покаже дека старите материјали можат да добијат нова вредност и нова приказна.