Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Македонската култура во фокусот на 35. Меѓународен саем на книгата во Абу Даби

Македонската култура во фокусот на 35. Меѓународен саем на книгата во Абу Даби

Делегација на Министерството за култура и туризам, предводена од државниот секретар за култура и туризам Беса Ода Муртеза, денес присуствува на отворањето на 35. Меѓународен саем на книгата во Абу Даби, Обединети Арапски Емирати, на кој Република Северна Македонија оваа година е почесен гостин и партнер.

 

Учество на вакви меѓународни саеми претставува значајна можност за промоција на културното наследство, литературата и современото творештво на нашата земја, но и платформа за воспоставување нови културни и професионални партнерства, размена на искуства и отворање на македонската култура кон нови меѓународни пазари.

 

Во рамки на програмата „Балканска култура – почесен гостин“, Северна Македонија на посетителите им претставува дел од своето богато и повеќеслојно културно наследство, како и современата книжевна продукција. На националниот штанд се изложени оригинални ракописи од збирката „Ориенталистика“ на НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје, меѓу кои ракописи постари од 600 години, артефакти од националното културно богатство од Археолошкиот музеј на Република Северна Македонија, како и изданија од современата македонска литература и преводи од арапски на македонски јазик.

 

Преку ова претставување се истакнува и историската поврзаност на македонскиот простор со различни цивилизации и култури, како и долгата традиција на интелектуална и културна размена со арапскиот свет.

 

Програмата на саемот опфаќа книжевни и културни разговори, панел-дискусии, уметнички настапи и презентации на традиционалната култура, со цел на посетителите од арапскиот и меѓународниот свет да им се доближат литературата, јазичната и културната разновидност и уметничкото наследство на Балканот.

 

„Ваквите меѓународни саеми се многу повеќе од места на кои се претставуваат книги. Тие се простор каде што културите се среќаваат, воспоставуваат дијалог и создаваат нови можности за соработка. Нашето учество како почесен гостин и партнер во Абу Даби е значајна можност македонската литература, културното наследство и современото творештво да ги претставиме пред нова меѓународна публика, но и да отвориме нови врати за нашите автори, издавачи и културни институции“, истакна државниот секретар за култура и туризам Беса Ода Муртеза.

 

Таа посочи дека особено значајна е професионалната димензија на учеството, која овозможува поврзување на издавачи, автори, културни институции и други професионалци од Балканот со нивни колеги од арапскиот свет и од меѓународниот книжевен пазар.

 

„Ова е можност културата да ја користиме како мост меѓу луѓето и државите, но и како конкретна алатка за создавање нови партнерства, преводи, издавачки соработки и меѓународна размена. Сакам македонската култура да биде видлива, присутна и препознатлива на големите светски културни платформи,“ додаде Муртеза.

 

Организаторот на Меѓународниот саем на книгата во Абу Даби донесе и значајна одлука со која изработениот национален штанд ѝ го подари на Република Северна Македонија. Штандот во иднина ќе биде во сопственост на Министерството за култура и туризам и ќе може да се користи при претставувањето на македонската култура и книжевност на меѓународни саеми и други културни настани во странство.

 

Учеството на Северна Македонија како почесен гостин и партнер на 35. Меѓународен саем на книгата во Абу Даби претставува важен чекор во јакнењето на меѓународната видливост на македонската култура и во создавањето долгорочни културни врски со арапскиот свет и пошироката меѓународна културна сцена.

 

Преку книгата, литературата, уметноста и културното наследство, саемот во Абу Даби ги поврзува различните култури и цивилизации и отвора простор за дијалог, соработка, размена и меѓусебно разбирање.

Мени за пристапност