Во Сплит вчера се одржа третиот фестивалски ден од второто издание на патувачкиот Фестивал на македонскиот филм во Хрватска, во организација на Македонскиот КИЦ во Загреб и Кинотеката на Македонија.
Во Македонското културно друштво „Македонија“ Сплит се одржа трибината „Дијалог на кадри – улогата на Кинотеката на Македонија во заштитата на филмското наследство и меѓународната промоција на македонската кинематографија“. На присутните им се обратија претседателката на друштвото Марта Жаја и директорката на Македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска, кои ја истакнаа важноста на културната соработка меѓу двете земји.
За улогата на Кинотеката говореше директорот Бошко Грујоски, додека Дамјана Патчева и Тихомир Кашмицовски се осврнаа на предизвиците поврзани со дигитализацијата, заштитата и реставрацијата на филмското наследство.
Во кино-салата на Центарот за култура „Златна врата“ се одржа и ексклузивната проекција „Македонски оскаровци“, со филмовите „Дае“ (Мајка) на Столе Попов и „Медена земја“ на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов.
Со програмата во Сплит заврши првата фестивалска дестинација. Фестивалот во септември и октомври продолжува во уште 10 градови низ Хрватска, во партнерство со Мрежата на независни киноприкажувачи во Хрватска и со поддршка на Министерството за култура и туризам.