На 28 октомври Македонската филхармонија ќе гостува во Виена, на една од најпознатите концертни сцени во светот – „Музикферајн“, на која познатата Виенска филхармонија ги одржува своите концерти, меѓу кои Новогодишниот концерт, кој се одржува на 1 јануари. Во Виена, Филхармонијата ќе се претстави со спој на македонската традиција и на европската класика, ќе бидат изведени дела од тројца македонски композитори – Глигор Смокварски („Тешкото“), Бете Илин („Македонска парафраза“ бр. 2), Сони Петровски (Пет македонски традиционални песни за симфониски оркестар), како и Симфонија бр. 8 од Антонин Дворжак. Како солисти ќе настапат Ана и Игор Дурловски.
Македонската филхармонија ќе ја отвори новата сезона, 2025/2026, насловена „#БезФилтер“, на 2 октомври со почеток во 20:00 часот, со концертот „Класика. Рестарт“, на кој како солист ќе настапи врвниот колумбиски виолончелист Сантијаго Кањон Валенсија, а со оркестарот ќе диригира Јерухам Шаровски. На програмата ќе бидат изведени Б. Илин со „Македонска парафраза“, бр. 2, Е. Елгар со Концерт за виолончело и оркестар во е-мол, оп. 85 и А. Дворжак со Симфонија бр. 8, оп. 88.