Националниот џез-оркестар на 19 февруари ќе одржи концерт во Националната опера и балет, на кој како солист ќе настапи реномираниот пијанист и органист Ренато Чико. Концертот со наслов „Organ & Big Band“ започнува во 20 часот, а диригент е маестро Џијан Емин.
Ренато Чико е музичар чиј авторски и изведувачки израз се оформувал на њујоршката џез-сцена во 1990-тите години. Како член на оркестарот на Лионел Хамптон и музички директор на „Jon Hendricks & Company“, тој дејствувал во јадрото на американската биг бенд традиција, настапувајќи и во легендарни џез-клубови, како: „Blue Note“ и „Birdland“.
Во проектот „Organ & Big Band“, хамонд-оргулите се поставени во центарот на оркестарскиот израз, а публиката ќе има можност да ја слушне програмата од албумот „First Encounter – Organ & Big Band“. Станува збор за современ биг бенд проект со оригинални композиции и специјално пишувани аранжмани, преку кои се истакнува уникатниот звук на овој инструмент.
Специјален гостин на концертот ќе биде тапанарот Енди Вотсон од Њујорк, музичар со богата кариера на американската џез-сцена и соработник на ансамбли, како: „Vanguard Jazz Orchestra“ и „Toshiko Akiyoshi Big Band“.