На 13 јули во Македонскиот културно-информативен центар во Белград се одржа концертот „Јулска нотна магија“ на младиот гитарист Коста Давчевски. Пред многубројната публика, четиринаесетгодишниот музичар, кој важи за еден од најнаградуваните млади гитаристи во Србија, се претстави со програма што ги потврди неговиот исклучителен талент, музичка зрелост и виртуозност.
Концертот е дел од новиот проект на Македонскиот културно-информативен центар во Белград и Министерството за култура и туризам за поддршка и афирмација на млади музички таленти кои учат, студираат или живеат во Република Србија.
Со многубројните домашни и меѓународни признанија, како и со настапите на престижни фестивали и концертни сцени во Србија и во регионот, Коста Давчевски се вбројува меѓу најперспективните млади класични гитаристи на својата генерација.