Македонскиот културно-информативен центар во Белград, во соработка со СОКОМ и „Балкански музички форум“, вечер во 19 часот организира концерт на гудачкиот квартет „Атака“, со поддршка од Министерството за култура и туризам.
Настанот пред белградската публика ќе го најават Васко Шутаров, од име на КИЦ Белград и Дејан Мојсовски, од име на СОКОМ, а на програмата се дела од македонските композитори: Стефан Гајдов, Драган Шуплевски, Ана Пандевска и Гоце Гавриловски.
Квартетот „Атака“, формиран во 2022 година, го сочинуваат: Ева Богоевска, Марија Трајковска, Илза Бафтиари и Маја Михајловска. Ансамблот за кратко време се етаблира како еден од најперспективните млади камерни состави, препознатлив по својата посветеност на современото македонско музичко творештво и по автентичните и прецизни интерпретации на дела од домашни автори.