Септемвриската програма на Кинотеката на Македонија обединува дела од македонската продукција, филмови од поширокиот балкански простор, класици на светската кинематографија, неми и класични филмови, како и посебни програмски целини посветени на хрватскиот филм и на филмската и културната традиција.
Месецот започнува со „Сведок“ на Митко Панов, а потоа септемвриската програма се свртува кон класичниот американски филм со неколку значајни остварувања. „Beat the Devil“ на Џон Хјустон, со Хамфри Богарт, Џенифер Џонс и Питер Лоре, „Suddenly“, политичкиот трилер на Луис Ален со Френк Синатра, и „Angel and the Badman“ на Џејмс Едвард Грант, класичен вестерн со Џон Вејн.
Септември носи и посебна целина посветена на немиот и класичниот филм, а предвидена и програмата „Денови на хрватскиот филм“, која отвора простор за претставување на хрватската кинематографија во нејзините различни историски, естетски и тематски пројави.
Месецот завршува со „The Man with the Golden Arm“ на Ото Премингер, еден од значајните филмови на американскиот филмски модернизам од педесеттите години.