Со монодрамата „Кармен“ на НУ Драмски театар Скопје, денеска, 14 август, во Неготино започнува третото издание на Театарскиот фестивал „Бранко Ѓорчев“, посветен на истакнатиот македонски актер.
Фестивалот ќе се одржува во Центарот за култура „Ацо Ѓорчев“ – Неготино, со почеток во 20 часот и бесплатен влез. До 23 август ќе бидат изведени пет претстави.
По „Кармен“, во програмата следуваат „Знаме и куфер“ на „Театар за тебе“ од Скопје, „Синиот портокал“ на Театарот „Ј. Х. К.-Џинот“ од Велес, детското „Магионичарско шоу“ со Кристијан Шопов – Кико Магико и „ЈЗУ Европа“ на Народниот театар „Ацо Шопов“ од Штип.
„Кармен“, во режија и драматизација на Дејан Пројковски, со Биљана Драгиќевиќ-Пројковска во главната улога, ќе биде изведена по 51. пат. Претставата е инспирирана од романот „Пет часа со Марио“ на Мигел Делибес, а за улогата Драгиќевиќ-Пројковска има добиено повеќе меѓународни признанија.