Испитот за добивање лекторска лиценца, се одржува еднаш месечно, секој месец, освен во месец јули, во согласност со Законот за употреба на македонскиот јазик, Правилникот за начинот на полагањето на испитот за добивање лекторска лиценца и за програмата за испитот и Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за начинот на полагањето на испитот за добивање лекторска лиценца и за програмата за испитот.
Заинтересираните кандидати потребно е да достават барање за полагање. Барањето за полагање на испитот за лектор е достапно на веб-страницата на Министерството за култура и туризам и се поднесува секој работен ден, од први до десетти во месецот, во архивата на Министерството.
Со барањето за полагање на испитот, кандидатот е должен да поднесе доказ за исполнување на условот за полагање на испитот од членот 10 став (2) од Законот за употреба на македонскиот јазик – диплома за завршено четиригодишно високо образование на студиските програми Македонски јазик или Македонски јазик и литература, со прв главен предмет Македонски јазик (копија заверена на нотар)
Испитот се полага според Програмата за полагање на испитот за добивање лекторска лиценца. Истиот се состои од три дела: влезен тест, практичен испит и устен испит.
Кандидатот кој не положил влезен тест не може да полага во наредните два месеци во кои се одржува испитот за лектор, а за секое полагање се поднесува ново барање и целата постапка за полагање на испитот за лектор започнува од почеток. На кандидатот што го положил влезниот тест, а не го положил практичниот испит, влезниот тест му важи само за следниот испитен термин.
На кандидатот што го положил практичниот испит, а не го положил усниот испит, практичниот испит му важи само за следниот испитен термин.Информации во врска со испитот за лектори може да се добијат на следнaва електронска адреса: lektorskiispit@kultura.gov.mk или на телефонскиот број: (02) 324 0572, секој работен ден од 8.00 ч. до 12.00 ч. кај одговорното лице за спроведување на испитот за добивање лекторска лиценца.