Во просториите на Националниот образовен центар (Národné osvetové centrum) во Братислава, свечено беше отворена изложбата „Од глаголица до светлина: Визуелна ода за Св. Кирил и Методиј“, на која беа претставени дела од четворица современи македонски уметници – Лазе Трипков, Ана Митевска, Ангел Коруновски и Александра Костадиновска. Куратор на изложбата е д-р Кирил Пенушлиски, а организатор Јасминка Намичева од „Архифакт“ – Скопје.
Изложбата беше реализирана со поддршка од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија и Амбасадата на Република Северна Македонија во Братислава.
Преку различни медиуми – сликарство, фотографија и современи визуелни интерпретации – уметниците ја истражуваат врската меѓу историската меморија и современиот уметнички израз, како и меѓу трагата на словото и симболиката на светлината како духовна и визуелна категорија. На тој начин се воспоставува современ визуелен дијалог со духовното и културното наследство на Светите Кирил и Методиј, глаголицата и словенската писменост.
Изложбата претставува обид за современо читање на културното наследство – не како статичен историски артефакт, туку како жива визуелна и духовна структура што продолжува да комуницира со современиот контекст.
На свеченото отворање, во присуство на голем број амбасадори, министри, претставници на дипломатскиот кор, уметници и јавни личности, со свои обраќања настапија Н.Е. амбасадорката Евгенија Илиева и д-р Кирил Пенушлиски, чиј говор беше проследен со голем интерес и позитивни реакции од присутните.