Со настапи на музичари од Мали, Гвинеја и Јужна Африка, вечер (3 јуни) започнува јубилејното 25. издание на „Офф-фест“, што ќе трае до 6 јуни. Првите три фестивалски вечери ќе се одржат во Националната опера и балет, а завршната програма е предвидена во Младинскиот културен центар.
На годинашното издание ќе настапат уметници од: Мали, Гвинеја, Јужна Африка, Норвешка, Шпанија, Италија, Бенин, Конго, Мозамбик и Танзанија, додека македонската сцена ќе ја претстави дуетот „Добрила и Дориан“.
Фестивалот ќе биде отворен во 20 часот со триото „Гитари баро“, составено од музичари од Мали и од Гвинеја. Покрај двете гитари, значајна улога во нивниот звук има и мајсторот на балафон, Ласана Дијабате.
„Со само три инструменти – две гитари и еден балафон – тие создаваат богат музички свет исполнет со приказни и традиции на западноафриканските гриоти, чувари на историјата и усното наследство“, велат организаторите на „Офф-фест“.
Во 22 часот на сцената ќе настапи јужноафриканскиот состав „БЦУЦ“, познат по својата енергична комбинација на психоделија, хип-хоп и панк-рок. Групата се враќа на „Офф-фест“ по две години, овојпат со промоција на својот петти студиски албум.