Во галеријата на Македонскиот културно-информативен центар во Софија на 3 октомври, со пригодна свеченост и во присуство на многубројни гости, љубители на уметноста и претставници на културниот и на дипломатски живот, беше отворена изложбата „Колоритот на генијот“ на еден од најзначајните македонски современи уметници – Мирослав Миро Масин.
Изложбата не претставува само уметнички настан, туку и културен врв со кој симболично се одбележува дводецениското постоење на Македонскиот културно-информативен центар во Софија. Тоа што Масин го избра токму овој простор и токму овој јубилеј како повод за своето прво претставување во Софија, според зборовите на директорот на Македонскиот културно-информативен центар, не е случајно, туку доказ за блискоста меѓу уметноста и човечноста, за искреноста што Масин ја внесува во своето творештво и за симболичкото значење на културата како мост меѓу народите.
Изложбата останува отворена до крајот на оваа недела, како дел од програмата со која Македонскиот КИЦ во Софија го одбележува значајниот јубилеј. Центарот, кој веќе две децении е живо место на размена меѓу македонската и бугарската култура, повторно докажува дека уметноста е најсилниот мост меѓу народите, јазик кој сите го разбираат, јазик што се чувствува, без потреба од превод.