Во Македонскиот културно-информативен центар во Софија денеска во 18:30 часот ќе биде отворена самостојната изложба „Кидли“ (Kidly) на младата уметница Арбана Дехари од Тетово.
Изложбата претставува дваесетина портрети на деца, изработени на платно со маслени бои, преку кои уметницата ја истражува детската невиност, емоциите и внатрешниот свет. Дехари во своето творештво особено се фокусира на детскиот портрет и изразувањето на емоциите.
Дехари дипломирала на Факултетот за уметности при Универзитетот во Тетово, а во 2023 година ги завршила и магистерските студии. Зад себе има повеќе самостојни изложби во земјава и во странство, како и учества на колективни и меѓународни изложби и уметнички проекти во Косово, Албанија, Турција и на Тајланд.
Изложбата „Кидли“ (Kidly) ќе биде достапна за посетителите во Македонскиот КИЦ во Софија.