Државната секретарка во Министерството за култура и туризам, Беса Ода Муртеза, и државниот советник за заштита на културното наследство, Афет Јашари, остварија средба со Плеурат Кабаши од Универзитетот во Приштина, Берат Адеми од Археолошкиот институт на Косово и Мерита Беќирај од Универзитетот „Еберхард Карлс“ во Тибинген, Германија.
На средбата се разговараше за можностите за институционална соработка меѓу Северна Македонија и Косово, со фокус на археологијата, заштитата на културното наследство, научните истражувања и размената на професионални искуства.
Се разговараше и за учество на конференции и научни активности, развој на заеднички проекти и вклучување експерти и институции од двете земји во заеднички иницијативи.
Соговорниците оценија дека меѓуинституционалната соработка претставува значајна можност за зајакнување на професионалните и научните врски, како и за документирање, промоција и заштита на културното наследство на регионот.
Министерството за култура и туризам изрази подготвеност за продолжување и продлабочување на соработката со институциите, универзитетите и експертите од Косово, особено преку конференции, истражувачки проекти и заеднички иницијативи во областа на културното наследство и археологијата.