– Со длабока тага и неверување ја примив веста за прераната и трагична смрт на првенецот на Македонската опера и балет, баритонот Ристе Велков.
Денес е тажен ден за македонската култура. Замолкна еден моќен и препознатлив глас, но одекот на уметноста на Ристе Велков ќе продолжи да живее на сцената, во музиката и во срцата на публиката.
Со неговото заминување, Македонската опера изгуби првенец, а културата – уметник, кој со достоинство, страст и врвна посветеност ја претставуваше нашата земја дома и во светот – напиша во својата објава министерот Зоран Љутков.
Ристе Велков беше еден од водечките македонски баритони и еден од најхаризматичните оперски солисти. Роден е во 1975 година во Скопје. Средното музичко образование го завршува во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје во 1994 година, во класата на проф. Марија Николовска, насока соло пеење. Дипломира на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 1999 година, во класата на м-р проф. Милка Ефтимова.
Магистрира со највисока оцена cum laude во 2011 година на истиот факултет, во класата на м-р проф. Билјана Јовановска-Јакимовска, насока соло пеење.
Ристе Велков беше еден од водечките македонски оперски уметници со богата кариера зад себе. Тој има реализирано голем број оперски улоги и настапувал во повеќе водечки улоги во познати дела, како: „Набуко“, „Риголето“, „Магбет“, „Травијата“, со што остави значаен белег на македонската оперска сцена.
Велков гостуваше во Јапонија, Србија, Романија, Турција и во Бугарија, а настапуваше на речиси сите значајни домашни фестивали и манифестации.