Македонскиот оперски пејач Игор Дурловски викендов оствари исклучително успешно деби на престижната сцена на „Театро Колон“ во Ла Коруња во Шпанија, каде што настапи во улогата на Аркел од операта „Пелеас и Мелисанда“ (Pelléas et Mélisande) од Клод Дебиси.
Шпанските критичари едногласно го истакнаа неговиот настап како еден од централните моменти на вечерта. Угледниот „Скерцо“ (Scherzo) го оцени како „цврст и впечатлив Аркел“, „Опера актуал“ (Ópera Actual) го нагласи „убедливото и суптилно изведено толкување“, додека „Ла вос де Галиција“ (La Voz de Galicia) забележа дека неговиот Аркел „звучеше мрачно и длабоко проникливо“.
Со ова деби, заедно со Симфонискиот оркестар на Галиција, кој е еден од водечките во Шпанија, Дурловски уште еднаш ја потврди својата меѓународна уметничка позиција, носејќи значајно признание и за македонската оперска традиција на европските сцени.